Во чест на неговиот извонреден придонес во филмската уметност, актерот Вилем Дефо ќе биде награден со „Почесното срце на Сараево“ на 31. издание на Сараевскиот филмски фестивал, кое ќе се одржи од 15 до 22 август 2025 година.
Со повеќе од 150 филмови зад себе, Дефо е еден од најпочитуваните актери во светот, познат по својата уметничка храброст, разновидност и постојана желба за истражување на човечката природа. Работел на холивудски блокбастери, како и во независни проекти ширум светот.
За време на фестивалот, Дефо ќе одржи и мастерклас каде што ќе го сподели своето искуство и размислувања со млади филмски таленти, професионалци и публиката.
„Вилем Дефо се враќа на Сараевскиот филмски фестивал по 25 години, и ни претставува голема чест и задоволство што ќе му ја доделиме оваа награда. Неговото творештво е пример за сите актери. Без разлика дали глуми во голем холивудски филм или независна продукција, неговите ликови се секогаш сложени, емотивни и незаборавни“ – изјави Јован Марјановиќ, директор на фестивалот.
Кариерата на Дефо започна со филмот Heaven’s Gate на Мајкл Чимино во 1979 година, од кој беше отпуштен. Оттогаш, соработувал со некои од најзначајните режисери на современата кинематографија и се здобил со бројни награди и признанија на светските филмски фестивали.