Годинешново издание на манифестацијата „International Wine Challenge“ донесе прекрасни вести за македонската компанија Винарија Сковин Група која е освојувач на сребрен медал за своето вино „Кратошија“, берба 2019 година, кое е дел од нивната таканаречена „премиум линија“.
Овој реномиран натпревар се одржа во Лондон, каде што оценувањето се врши од тимови составени од експерти, познавачи и влијателни лица од меѓународната индустрија за вино, што оваа награда ја прави уште поценета.
Во натпреварувањето Винарија Сковин Група учествуваше и со други производи, при што за вината „Темјаника“ од серијата „Selected edition“, берба 2019-та и „Санџовезе „ од серијата „Premium line“, од бербата 2017-та, жирито на натпреварот им додели специјално признание и препорака.
Традиционално на оваа манифестација секоја година учествуваат над 50 земји, при што се натпреваруваат над 10 илјади мостри од високо квалитетни сорти и видови вина од цел свет. Дури и во услови кога поголемиот дел од бизнисите се во мирување, на лондонскииот настан присуствуваат сите што имаат влијание во глобалната винска индустрија, а тоа го прави одлична можност за промовирање на уникатна македонска винска приказна и долгата традиција за производство на вино.
Добиените награди на ваков еминентен натпревар за Винарија Сковин се само уште еден доказ за конзистентноста во одржување на квалитетот, зајакнување на брендот и довербата на потрошувачите, како и мотивација за нови следни предизвици и успеси во работата.