После седум години, глобалниот финансиски гигант Visa повторно го обнови својот бренд-идентитет, прилагодувајќи се за новите дигитални времиња кои следат во секторот финансии.
Со помош на дизајнерското студио Mucho, Visa доби освежени бои, посебен фонт и ажуриран симбол. Објавувањето на новиот бренд-идентитет е проследено и со нова адвертајзинг кампања насловена “Meet Visa” („Запознајте ја Виза“), создадена со помош на креативната агенција Wieden+Kennedy.
Целта е да се истакне еволуцијата на компанијата, од издавач на кредитни картички до сеопфатна технолошка платформа за финансиски услуги. Имиџот на компанијата се фокусира на категориите доверливост, безбедност, прифатливост и инклузивност.
Во текот на 2021 година, новиот бренд-идентитет ќе биде имплементиран во преку 200-те држави и територии во кои оперира компанијата.
Според Visa, нејзината мрежа поврзува 3.6 милијарди сопственици на картички, повеќе од 70 милиони трговски локации и десетици илијади партнери ширум светот, овозможувајќи годишен финансиски обрт од 11 трилиони долари.