Високата школа за новинарство и за односи со јавноста ја претстави новата истражувачка едиција „Res Public“ и ги додели првите дипломи за завршени додипломски студии.
„Res Public“ е заедничка едиција на Високата школа со научниот Институт за комуникациски студии, што го основаше за развивање на истражувања и постдипломски студии во областа на комуникациите и медиумите. Првите три студии од едицијата се во авторство на тим професори од Високата школа и докажани истражувачи во областа на медиумите. Тие ги содржат резултатите од истражувањата за начините на кои медиумите известуваат за различностите, религиските и етничките прашања, како и влијанието врз јавноста кое го креираат информирајќи за овие теми.
„Различностите низ призмата на редакциите: Поглед одблизу врз создавањето на вестите“ ја прикажува состојбата во редакциите и ставовите и перцепциите на уредниците, новинарите и на дел од сопствениците за темите поврзани со известувањето за различностите.
„Известување од паралелни светови: Медиумите на заедниците во Македонија“ отворa сериозни прашања за правата на етничките заедници во медиумската сфера во Македонија, за регулаторната политика во оваа област и за предизвиците што се поставуваат пред новинарската професионална заедница.
„Известувањето за меѓурелигиските и меѓуетничките тензии: Значењето зад насловите“ се фокусира на медиумското покривање на прашањата од мултиетнички и мултирелигиозен карактер и на почитувањето на професионалните новинарски стандарди во информирањето на јавноста.
Новата едиција „Res Public“ ги постави предизвиците и пред првите дипломирани студенти на додипломските студии за новинарство и за корпоративни комуникации и односи со јавноста. Интелектуалното окружување за учење и работа, што Високата школа го понуди во текот на тригодишните студии, им овозможи на студентите да стекнат сеопфатно знаење и способности и да најдат професионален ангажман веднаш по дипломирањето.