Во Штип деновиве беа произведени првите количини од маслото Брилијант, по неодамнешното преземање на фабриката од индустријата за прехранбени производи „Витаминка” од Прилеп
Како што информираат од Витаминка, новиот Брилијант е биде висококвалитетно, тројно рафинирано масло, а во рестартирањето на производството биле ангажирани околу 70 поранешни вработени од фабриката „Брилијант”.
Линијата за производството, како што се наведува, е опремена со современа технологија од германско потекло, со што фабриката во Штип е единствена во регионот со три рафинатори, со капацитет на рафинираторот од 150 тони дневно, или од 39.000 тони масло годишно.
Со рестартирањето на Брилијант, влегуваме во нова фаза од работењето и отворивме нови перспективи во развојот на компанијата. Обезбедуваме суровинска база за потребите на производството, а со новиот Брилијант добивме висококвалитетен производ, единствен по составот, чистината и технолошкиот процес, со што оваа инвестиција добива многу поголемо и пошироко значење. За „Витаминка” тоа ќе значи, пред сè, подобрена деловност и можност за растење, вели Сашо Наумоски, генерален извршен директор на „Витаминка”.
Новиот Брилијант ќе биде достапен со досегашниот, препознатливи изглед, со мал редизајн на етикетата.
Со договорот за купопродажба што неодамна го потпиша, Витаминка стана сопственик на недвижниот и подвижниот имот и на правата од индустриска сопственост -, што вклучува трговски марки и индустриски дизајн, на поранешната фабрика за масло „Брилијант” од Штип.