Еден од најпознатите кафе брендови во Македонија “Браво Кафе“ во понеделникот ја стартуваше својата нова кампања за “Браво кафе класик“ во која се појавува и најпознатиот македонски гитарист Влатко Стефановски, еден од најценетите музичари на Балканот и пошироко.
ТВ рекламата која деновиве се појавува на повеќе национални телевизии, концепциски и продукциски беше реализирана од маркетинг агенцијата Division, со кои накратко поразговаравме околу идејата, спојот и реализацијата на оваа реклама која несомнено ги освојува симпатиите на домашната јавност.
Како да поврзеш турско кафе, гитара и познат музичар како Влатко Стефановски во рекламна кампања?
“Тоа беше предизвик, двигател за реализација на оваа кампања. Појдовна точка ни беше подготовката на кафето. Кафето како ритуал, класичен момент за почеток на денот, будење, мирис, вкус, тоа препознатливо дневно искуство, пауза-одмор, единствено, лично, интимно секојдневие, класика. Тоа е исто како односот на музичарот кон својот инструмент, интимен, личен момент на екстаза. Тоа е Тоа! “ – велат од Division и надополнуваат : “Познавајќи ја величината како уметник, професионалец, класа гитарист, Влатко Стефановски беше сосема природен избор за компаративен пристап во приказната која ја склопивме. Неговата исповед дека секое утро го почнува со тазе мелено кафе од локалниот гранап, беше искрен сегмент да нè наведе уште од самиот старт како референца да го земеме Кафе и цигари на легендарниот Џим Џармуш. Знаевме дека треба да биде црно бела рокерска реклама со прецизни силни и драматични кадри.“
Но зошто класика?
Division: “Од самото име на продуктот Браво Класик произлезе класиката како тема, она што ќе опстои во времето, остава траен белег, безвременски квалитет, апсолутна класика. Се согласивме дека „Чукни во дрво“ е класика трака од 80тите и дека токму таа композиција е потребна за да се долови приказната, слоганот исплива на површина од самиот текст на песната : „Тоа е тоа“… Кратките сегментирани кадри и споредбата подготовка на кафе и штимање инструмент, ја прави приказната силна и со лична порака, можеби и додека го читате овој текст уживате токму во шоља кафе која сами сте си ја подготвиле, бидејќи само вие правите најубаво кафе. Тоа е Тоа… :)“
Освен ТВ спотовите за рекламната кампања изработени се и радио спотови, постери и воблери.
За онлајн делот од кампањата задолжена е дигиталната маркетинг агенција Brand Union, повеќегодишен партнер на Bravo Caffe.