Иако оние кои во рамките на своето работење користат е-меил маркетинг се плашат од последиците што GDPR регулативата може да ги предизвика, експертите уверуваат дека сепак, тоа нема да значи крај на овој начин на рекламирање.
Поточно, корисниците со години, бесплатно, често без да знаат за тоа, им ги даваат своите лични податоци на другите, па дури и оние кои знаат дека компаниите и брендовите со кои тие комуницираат преку социјалните мрежи ги собираат, не знаејќи за што служат овие податоци, ниту пак како се користат. Ова значи дека во светот во кој корисниците не знаат или не разбираат како се користат нивните податоци, не може ниту да се зборува за “давање согласност.” Но, таквиот свет во кој, под согласност за споделување на лични податоци се смета означувањето на полињата со кои корисникот се согласува на условите за користење, наскоро ќе престане да постои. Факт е дека ретко кој го чита она на што се согласува со тоа кликнување, а уште е помал бројот на оние кои што го прочителе, го разбираат тоа, па затоа дигиталните документи од овој профил во текот на годините стануваат се` посложени, со цел на корисниците дополнително да им се отежне читањето, па огромни количини на податоци се собрани на овој начин.
Експертите предупредуваат дека ова не е начинот кој би требало да се користи во било кое работење, односно согласноста за предавање на личните податоци во виртуелниот свет го илустрираат со објаснувања од физичкиот свет, со цел подобро да се објасни. Имено, замислете да влезете во продавница во потрага по некој производ, да го најдете производот, да стигнете на каса и таму да ве чека правен документ од 20 страници, кој мора да го потпишете за да можете да го купите производот. Потоа замислете дека тој документот сте го потпишале, без претходно да го прочитате. Излегувате од продавница, продолжувате со животот, безгрижно го трошите она што го купивте, а не сте ни свесни за што со споменатиот потпис на производителот му дозволивте секаде да ве следи, да го бележи секој ваш потег и податоците кои на тој начин ги собира, да ги продаде на секој кој покажува интерес, без петходно да бидете известени за тоа.
Повеќето корисници немаат ништо против тоа некоја компанија да ги има нивните податоци, се` додека знаат што прават со нив и додека можат да го оневозможат нивното користење во било кое време. И токму тоа е целта на GDPR регулативата: суверенитет на личните податоци, кој ќе им овозможи на корисниците да ги заштитат своите податоци и да бидат сигурни дека тие не се користат за сомнителни цели.
Така GDPR би можело да влијае да се подобри работењето на брендовите, односно оние кои се занимаваат со е-mail маркетинг, иако заради недоволно информации, веќе постои паника во редовите на e-mail маркетинг професионалците. Затоа познавачите објаснуваат дека е вистина дека тоа е моќно оружје кое ќе го контролира користењето на личните податоци, но дека не е адресирано до e-mail маркетингот. Терминот “e-mail marketing” не се споменува никаде во документацијата на GDPR, што јасно укажува на тоа дека не е главното поле на кое се фокусира оваа регулатива.
Сепак, тоа не значи дека GDPR нема да има влијание врз овој начин на рекламирање, бидејќи давањето согласност на корисникот за доставување на податоците ќе бара малку повеќе напор отколку порано. Експертите велат дека тоа е добра работа, бидејќи e-mail огласувачите тогаш ќе бидат апсолутно сигурни дека некој се пријавува на нивната листа само заради услугите што ги нудат, а не од незнаење. И тоа е единствениот вистински начин правилно и продуктивно да се работи во оваа област, бидејќи ниту еден сериозен e-mail огласувач не сака некој со измама или од незнаење да се приклучи на нивната листа, бидејќи таквите корисници воопшто нема да придонесат за подобрување на било која кампања .
За брендовите и огласувачите кои веќе ги применуваат најдобрите практики на е- mail маркетинг, GDPR нема да претставува голема промена и ќе продолжат да работат како и порано. Оние кои применуваат некои други методи, би можеле да имаат проблем, па не е лошо да се потсетат на основата на она што го работат и да запомнат дека нивната работа е да заинтересираат некој за она што го нудат, а не со измама да го вклучат во листата, бидејќи ниту корисникот, ниту огласувачот нема да имаат корист од тоа.