Долгогодишната генерална оперативна директорка на Фејсбук (сега Мета), Шерил Сандберг, соопшти дека се повлекува од компанијата.
За време на нејзиниот 14-годишен ангажман, таа имаше клучна улога во развојот на стартап компанијата во еден од највлијателните брендови во светот. Според Bloomberg, и покрај тоа што Сандберг ќе ја напушти директорската позиција, таа сепак ќе го задржи своето седиште во управниот одбор на компанијата.
Шерил Сандберг посочи дека времето поминато во Фејсбук т.е. Мета било „чест и привилегија“, но истовремено откри дека позицијата со себе носела и голем притисок кој не секогаш бил лесен за менаџирање.
Во изјава за Forbes, Сандберг не смета дека нејзиното заминување од Мета ќе предизвика големи промени во компанијата, верувајќи во нејзината успешноста на „многу силен бизнис“, денес и во иднина.
По повлекувањето од Мета, 52-годишната Сандберг најави посветување на приватниот живот, но и на филантропијата и активизмот за женските права преку нејзината фондација.
Генералниот извршен директор на Мета, Марк Зукерберг, во објава на Фејсбук ѝ се заблагодари на Шерил за нејзината поддршка низ текот на годините, како професионална, така и приватна.
На позицијата генерален оперативен директот на Мета, Шерил Сандберг ќе биде наследена од Хавиер Оливан, кој ќе стапи на функција од наесен.