Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги потсетува медиумите дека во 2016 година, се зголемува процентот за емитување изворно создадена програма во Република Македонија на македонски јазик или на јазиците на немнозинските заедници кои живеат во Република Македонија.
Како што е пропишано во член 92 ставови 1 и 2 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, почнувајќи од 1 јануари 2016 година, за трговските радиодифузни друштва и за непрофитните радиодифузни установи обврската за изворно создадена програма изнесува 50%, а за Јавниот радиодифузен сервис изнесува 60% од вкупно емитуваната програма во текот на едно деноноќие, со исклучок на времето што отпаѓа на содржините кои не подлежат на класификација.
Исто така, Агенцијата потенцира дека според Законот, НЕМА промени на квотата за емитување инструментална, вокална и/или вокално-инструментална музика на македонски јазик или на јазиците на етничките заедници во Република Македонија. Кај телевизиите обврската останува најмалку 8 часа за трговските радиодифузни друштва, а за Јавниот радиодифузен сервис најмалку 14 часа во текот на неделата. Кај радијата, обврската се пресметува од вкупната музика емитувана во текот на едно деноноќие и изнесува 40% за ТРД и за непрофитните радија, а 50% за МРТ.