После успешните изданија во Скопје, Тирана и Загреб, минатата недела и Белград беше домаќин на овогодишното издание на Balkan Economic Forum, водечкиот регионален настан кој еднаш годишно ги обединува лидерите од јавниот, приватниот и академскиот сектор, како и претставници на влади, меѓународни организации, амбасади, бизнис-заедници и здруженија од земјите на регионот.
Форумот се реализираше под покровителство на Централноевропската иницијатива (CEI), со финансиска поддршка од Western Balkans Fund и компанијата Red Hat, во партнерство со повеќе стопански комори од регионот, европски институции и стручни асоцијации.
Проф. д-р Сашо Ќосев, претседател на БЕФ, во своето воведно обраќање истакна дека годишните конференции имаат за цел да создадат одржливо влијание преку промоција на економски раст и засилена регионална соработка меѓу земјите од Балканот.
Програмата опфати повеќе тематски панели со учесници од владите, меѓународни организации, како и универзитети, истражувачки институти, невладини организации и приватниот сектор од Србија, Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Полска, Унгарија, Словенија, Бугарија и Грција.
Форумот претставува платформа за размена на знаење и идеи, креирање регионални стратегии и промовирање иновативни решенија во областите на дигитализацијата, инфраструктурното поврзување, одржливиот развој и циркуларната економија. Заклучоците и препораките од секој форум се доставуваат до институциите на соодветните држави и истите во иднина ќе бидат преточени во конкретни регионални проекти со кои ќе се стимулира регионалната соработка и заедничкиот раст на Балканот како целина од ЕУ еко-системот.




















