Вчера во белградскиот хотел „Мона Плаза“ започна 21. издание на меѓународната конференција за односи со јавноста PRO PR, која за три дена ќе собере 220 учесници од 16 земји.
„Дигиталната трансформација ги менува не само комуникациските можности, туку постојано наметнува и нови предизвици во односите со медиумите. Транспарентноста, лажните вести, вештачката интелигенција и етиката се предизвици со кои, покрај сајбер безбедноста, денес се соочува и професијата за односи со јавноста, и тоа не само на национално, туку и на глобално ниво. Креативноста е клучот за успехот на комуникацијата и само заедно, експертите за односи со јавноста кои беа и останаа клучен фактор во управувањето со репутацијата, можат да придонесат за кредибилитетот преку транспарентност, вистинитост и кредибилитет на изворите на информации. Горд сум што сме во Србија по четврти пат и што водечки експерти во нивната област ќе разговараат и ќе го споделат своето знаење. Мотото на годинешната конференција е: Нови насоки, нови предизвици“ – истакна претседателот на организацискиот одбор, Даниел Колетиќ, при свеченото отворање на конференцијата.
Како и претходните години, организаторите на конференцијата обезбедија бесплатно учество за 50 студенти од четири факултети: Факултетот за организациски науки во Белград, Факултетот за медиуми и комуникации во Белград, Факултетот за политички науки во Белград и Филозофскиот факултет во Нови Сад. Денес во рамки на конференцијата ќе бидат доделени признанијата PRO PR Globe Awards.