Kорисниците на метро во Рим, можат да заштедат пари и да придонесат за зачувување на животната средина. Принципот е едноставен – на трите постојки во Рим, патниците можат да рециклираат пластични шишиња во автоматите за продажба на билети, а за возврат добиваат одредена сума на картичката што подоцна ќе можат да ја заменат за билети.
Иницијатива наречена Ricicli + Viaggi (Recycle & Travel) беше покрената од градоначалнчката Вирџинија Раги. Фазата на тестирање ќе трае 12 месеци, а доколку биде успешна, ќе се прошири и на другите метро станици.
За секое рециклирано шише, корисникот ќе добие износ од пет центи на картичката, што значи дека за стандарден билет од 1,5 евро, ќе треба да се рециклираат 30 шишиња. Шишињата можат да бидат во различни големини, од 0,25 до два литри и тешко е да се поверува дека некој ќе донесе 30 шишиња и ќе ги замени за билет, но луѓето сигурно ќе бидат мотивирани малку по малку да собираат кредит на картичката.
Италија инаку има големи проблеми со отпадот, така што во Рим преплавните канти за отпадоци се вообичаена глетка, а за време на летните жештини, претставуваат и опасност по здравјето.
Состојбата не е подобра ниту на југот на земјата. Иницијативите како оваа, иако во голема мера нема да ги намалат огромните количини ѓубре, се многу важни затоа што ќе им покажат на луѓето како рециклирањето е пожелно, а за тоа дури можат да бидат и наградени.