Емотивно видео кое ја покажува светлината на крајот од тунелот
Изминатата година беше и повеќе од тешка. Иако дадовме се` од себе за да го олесниме долгорочниот карантин со состаноци и дружења на Zoom, виртуелни филмски вечери и дигитални happy hours, ништо не може да го замени излегувањето со пријателите.
Но, за среќа, постои светло на крајот од тунелот. Според изјавите на раководителот на Центарот за контрола на инфекции, достапноста на повеќе видови вакцини резултираше со вакцинирање на повеќе од 60 милиони американски граѓани. Но, сè уште постои голем дел од населението кое што не сака да го направи тој чекор.
За да се реши овој проблем, Google објави видео со кое ги охрабрува гледачите да се вакцинираат. Насловот на ова едноминутно видео е „Вратете се на она што го сакате“, каде што се прикажани некои од пребарувањата на Google, мапи, календар со настани, кои што навистина ја дефинираа и одбележаа минатата година помината во карантин.
Видеото едноставно покажува како се менуваат искуствата со различните платформи на Google во согласност со промената на ограничувањата. Виртуелниот happy hour ќе се претвори во излегување на пијалок со пријател. Децата ќе се вратат во локалните паркови. И, како што покажува едно изменето пребарување, можеби, дури и конечно ќе почнеме да носиме панталони наместо тренерки.
За да поентира, видеото завршува со најважното пребарување од сите: „Ковид вакцинација во моја близина.“ Гугл дури обезбеди и линк во описот на YouTube, кој води директно до веб страница каде корисниците можат веднаш да ги најдат достапните опции за вакцинација во нивна близина.