На 25 октомври 2019 година, во Скопје ќе се одржи Втората годишна конференција за е-трговија под наслов „БИЗНИС РАСТ СО Е-ТРГОВИЈА“ во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, а веќе од оваа недела се пуштени во продажба 50 карти по специјална „Super Early Bird“ цена од 59 евра, кои ќе се продаваат до 30.07. или до потрошување на залихите.
И оваа година, Конференцијата за е-трговија ќе биде место каде мноштво на истакнати меѓународни и домашни говорници преку предавања, панел дискусии и „fireside chats“, односно неформални разговори, ќе ги пренесат своите експертизи и искуства од областа на е-трговијата.
„Темата на овогодинешната конференција е ‘Бизнис раст со е-трговија’. Водени од потребите, предизвиците и преференциите на учесниците на пазарот на е-трговија, оваа година конференцијата ќе го стави растот на бизнисот во фокус, кој може да се забрза со правилно водење на е-трговијата, како значаен канал за продажба. Главниот акцент ќе биде ставен на е-купувачот и на модерните маркетинг алатки. Е-трговијата може навистина да биде двигател на растот на бизнисот и да ги задоволи и надмине очекувањата на менаџерите, но единствено со нејзино правилно менаџирање“, изјавува организаторот на конференцијата, Нина Ангеловска, ко-основач и главен извршен директор на Grouper.mk и претседател на Асоцијација за е-трговија на Македонија.
Имајќи го ова на ум и во насока на надминување на очекувањата на учесниците, конференцијата најавува висококвалитетна програма, која ќе вклучува домашни и меѓународни говорници со огромно искуство во нивните области. Агендата ќе се состои од воведни презентации, панел дискусии и неформални разговори со експерти.
Од Асоцијација за е-трговија на Македонија објаснуваат дека темата е всушност поттикната од потребата за меѓусекторска соработка и обемни знаења од повеќе области, особено кај македонските компании кои понекогаш ги преценуваат очекувањата за нивната е-продавница. Оттука, на конференцијата посетителите ќе имаат прилика да ги слушнат актуелните маркетинг алатки за позиционирање на нивната е-продавница, како и теми врзани со SEO (оптимизација на алатките за пребарување), креирање атрактивна содржина, генерирање на лидови, одлично корисничко искуство и многу други алатки кои влијаат на зголемување на продажбата.
Инаку, минатата година конференцијата ги пресретна и надмина очекувањата на 85% од учесниците. Беа присутни околу 400 учесници од 150 компании, организации, универзитети и владини институции, а свои презентации имаа 30 говорници од 8 земји.
Повеќе детали поврзани со настанот следуваат наскоро, а ќе бидат континуирано ажурирани и достапни на: https://ecommerceconference.mk/