Super Bowl е најголемиот годишен спортски настан во САД и финале на сезоната во Националната фудбалска лига (NFL), во кое се среќаваат шампионите од Американската (AFC) и Националната конференција (NFC). Јубилејното 60-то издание ќе се одржи на 8 февруари 2026 година на Levi’s Stadium во Санта Клара, Калифорнија, а во натпреварот ќе се соочат екипите на New England Patriots и Seattle Seahawks. Но, покрај спортската димензија, Super Bowl одамна прерасна во глобален медиумски спектакл кој привлекува стотици милиони гледачи ширум светот.
Интересот за настанот веќе е на рекордно ниво, особено кај огласувачите. Медиумскиот гигант NBCUniversal потврди дека сите рекламни термини се распродадени уште во септември, при што цената за 30-секунден рекламен спот достигна околу 7 милиони долари. Минатогодишното издание привлече рекордна публика од 127,7 милиони гледачи во САД, преку традиционална телевизија и стриминг, што дополнително ја зацврстува позицијата на Super Bowl како највредна огласувачка сцена за американките брендови.
Низа големи брендови веќе го најавија своето учество или враќање, а се очекува рекламните кампањи повторно да се потпрат на докажани формули – присуство на славни личности, впечатливи приказни и високо продукциски спотови, но и на нови технологии, меѓу кои и генеративната вештачка интелигенција. Трендовите укажуваат на сè поизразен спој меѓу креативноста и технолошките иновации, со цел да се освои вниманието на публиката во само неколку секунди.
Дополнителен магнет за гледачите ќе биде и музичкото полувременско шоу, кое годинава ќе го предводи порториканската мега-ѕвезда Bad Bunny, со Apple Music како главен спонзор веќе четврта година по ред. Со оглед на огромниот досег и културното влијание, Super Bowl 2026 повторно ќе биде многу повеќе од спортски натпревар, како глобална платформа на која брендовите се натпреваруваат за внимание исто толку интензивно колку и тимовите на теренот.
















