Веднаш по лансирањето на кампњата за реизбор на актуелниот американски претседател Џо Бајден од Демократската партија, нивните ривали од Републиканската партија одговорија со првата политичка реклама создадена целосно од вештачка интелигенција.
Рекламата го напаѓа претседателот Бајден, претставувајќи дистописки свет доколку тој биде повторно реизбран во 2024 година. Но, содржината во овој случај е најмалку важна, а она што вреди да се одбележи е примена на вештачката интелигенција во создавањето на политички содржини – за првпат во човековата историја.
Партијата не откри со која платформа се служела за да ја создаде рекламата, но забележливи се вообичаените „отскокнувања“ од физичката реалност кои засега се типични за генераторите на вештачка интелигенција – чудните раце на луѓето и преголемиот број на заби во нивните усти. Несомнено, со текот на времето, системите на вештачка интелигенција ќе бидат усовршени за да го надминат тој проблем.
Републиканците се одлучиле да се свртат кон вештачката интелигенција со цел да ја објават својата реклама што побрзо по прес-конференцијата на Бајден и да не губат време во создавањето реклама на традиционалниот начин.
Сето ова наметнува прашања за тоа колку всушност вештачката интелигенција ќе игра улога на следните претседателски избори во САД во 2024 година, но и на изборите кои ќе следуваат по нив и ширум целиот свет?
Првата политичка реклама создадена со вештачка интелигенција може да се погледне на следниот линк.