Американската технолошка компанија за развој на вештачката интелигенција, OpenAI, ја емитуваше својата прва телевизиска реклама за четботот ChatGPT за време на овогодинешното издание на Супер боул.
Едноминутниот анимиран спот, насловен како „The Age of Intelligence“ („Ерата на интелигенцијата“), го споредува ChatGPT со голем број важни и клучни настани во човечката историја, како што се откривањето на огнот, големите географски откритија и првите чекори на Месечината.
Иако рекламата ја промовира вештачката интелигенција, нејзината конечна верзија била создадена со помош на вредните раце на луѓето, додека пак моделот за генерирање видео Sora бил користен само за време на фазата на предвизуелизација за брзи експерименти.