Конзолата за видео игри PlayStation 5 лансираше нова кампања насловена „Live from PS5“ („Во живо од Плејстешан 5“), во која го имитира драматичниот пристап на светските новински телевизии кога известуваат за некои „вонредни вести“.
Имено, централниот спот на кампањата е создаден баш како такви вонредни вести на замислениот телевизиски канал PS5, во чија програма во живо се вклучуваат низа на репортери од разни земји низ светот кои известуваат за надреални и извонредни настани.
Всушност, сите настани алудираат на некои од најпоуларните видео-игри кои можат да се играат на PlayStation, поврзани со суперхерои, митологија, вонземјани, истражување мистерии, автомобилски трки и така натаму.
Паралелно со емитувањето на спотот, кампањата вклучува и физички активации во реалниот свет кои се состојат во поставување на џиновски предмети поврзани со различните видео-игри. На пример, во Лондон е поставена џиновска секира која се користи во митолошката игра “God of War”, а до неа е паркирано новинско комбе со ознаката на „телевизија“ PS5.
Кампањата се реализира со помош на поголем број агенции во различни држави, вклучувајќи ги King Henry, Cain&Abel, Mediacom, MJZ, Icon Films Sofia, Work Editorial, Untold Studios и 750mph.