Македонската градежна компанија ЦИВКОН почна со градење на првата високо енергетски ефикасна и пасивна зграда во Република Македонија „Водњанка“.
Првиот суштински различен станбен објект, за своите идни сопственици, овозможува заштеда до 6.000 евра, подобро здравје и поголем конфор. Според Андреј Андреев, магистер по технички науки во областа на енергетската ефикасност и сертифициран дизајнер на пасивни куќи од престижниот Институт за пасивни куќи во Дармштадт, Германија, со ова се означува почетокот на новата ера во градежништвото во Македонија, односно дека станува збор за револуција во станбената изградба.
„Освен финансиската заштеда кај овој објект од класа „А+“ и класа „Б“, овој објект ја намалува емисијата на јаглеродиоксид за 23 тони на годишно ниво, обезбедува висока удобност во живеењето на станарите, максимална звучна изолација и ги штити станарите од геопатски стрес и од влијанието на подземните води“, објаснува Андреев, специјалист за пасивни куќи во земјава.
Изградбата на „Водњанка“ е резултат на визијата и желбата да се најде решение на проблемите со кои се соочуваат луѓето во своите домови. „Сакајќи да најдеме решение за проблемите со кои се соочуваме во домовите и зградите, одлучивме да го изградиме првиот објект во Македонија, кој ќе биде суштински квалитетен и ќе ги елеминира сите проблеми со кои живееме во еден објект. Затоа што, здравјето нема цена.“ вели Андреев.
Идните станари ќе уживаат благодарение на вградените еколошки материјали но и поради придобивките од фенг шуи поставеноста на елементите во становите. „Со примена на фенг шуи принципите во еден животен или деловен простор се подобруваат здравјето, меѓучовечките односи, виталноста. Едноставно, да се зграбат сите можности што ги нуди животот. Сакаме да живееме здраво, среќно, во благосостојба, она што го нуди фенг шуи преку балансот на енергијата во просторот“, рече Мирјана Секуловска, консултант за фенг шуи, на денешната презентација на „Водњанка“.
Според Секуловска, фенг шуи философијата најдобро функционира тогаш кога ќе се примени уште од почеток, токму од темелот на градбата.
Се очекува „Водњанка“ да биде готова до март 2016 година.