Италијанското издание на магазинот за мода и стил Vogue се одлучи за еден поинаков пристап во однос на својот јунски број, заменувајќи ги моделите и познатите личности од својата насловна страница со детски цртежи.
Тематиката на ова посебното издание се однесува на „нашиот нов свет“, кој не ги засега само возрасните, туку и децата кои се „најзанемарените и најмалку очигледни жртви на пандемијата“, истака уредникот Емануел Фарнети.
Во разработката на изданието биле поканети 100 деца на возраст од две до десет години да ја „редизајнираат“ насловната страница на магазинот. Избрани биле осум илсутрации со кои се создадени осум различни верзии на изданието.
Покрај насловната страница, интергенерацискиот концепт ќе биде пресликан и во дел од содржините на јунското издание на Vogue Italia, вклучувајќи кореспонденција помеѓу осумгодишниот Лука и познатиот моден дизајнер Џорџио Армани, како и фото-сесија на познатиот фотограф Стивен Клајн со неговиот четиригодишен син Ас.