Паралелно со премиерата на својот нов електричен модел ID.3 на автомобилскиот саем во Франкфурт, Фолксваген го претстави и новото лого на компанијата
Овој поедноставен и, помалку, ретро знак, целосно ќе го замени сегашното лого низ целиот свет во наредната година и ќе се појави на идните новитети на овој бренд.
Станува збор за дводимензионален знак кој е „почист“ и „сведен на неговите основни елементи.“ Од Фолксваген велат дека ова лого е „многу флексибилно и дизајнирано за најразлични дигитални примени“. Логото ќе биде осветлено на некои модели и со тоа ќе се вклопи во впечатливиот дизајн на новите Фолксваген автомобили.
Фолксваген за прв пат претстави и таканаречено „звучно лого“. Компанијата соопшти дека ова „ќе го направи брендот Фолксваген исклучителен во акустична смисла, и во возилата и во комуникациите“.
Јохен Сенгпихел, директор за маркетинг во Фолксваген, објасни: „Создадовме ново холистичко глобално искуство на брендот низ сите канали и допирни точки. Како општ принцип, целта во иднина нема да биде прикажување на совршено рекламирање. Во нашето претставување сакаме да станеме похумани и живописни, во поголема мера да ги прифатиме перспективите на клиентот и да раскажуваме автентични приказни “.
Новиот визуелен јазик на брендот ќе биде многу различен од она што досега го претставуваше Фолксваген – тој ќе биде похрабар и поразновиден. Фокусот ќе биде на луѓето. Фолксваген веќе нема да се концентрира на перфекционизам во фотографирањето на возилата. Во иднина, главната цел ќе биде презентирање на реални ситуации со кои клиентите можат да се идентификуваат.
Веќе неколку децении, Фолксваген го користи машкиот глас за да ги претставува своите возила и во промотивни цели. Брендот сега станува женски род. На речиси сите пазари, во име на Фолксваген, ќе зборува жена со топол, пријатен и самоуверен глас.