Во чест на 50-годишнината од објавувањето на легендарниот албум “Abbey Road” на Битлси (26 септември 1969), автомобилскиот бренд Фолксваген објави „препаркирана“ верзија на неговиот омот.
Имено, иако „новата верзија“ на омотот не ги содржи Џон, Пол, Џорџ и Ринго, таа се истакнува по еден аспект: препаркираната Фолксваген „буба“. На оригиналниот омот, белата „буба“ е погрешно паркирана на левиот тротоар. Сега, Фолксваген заедно со агенцијата Nord DDB го поместија автомобилот надесно, давајќи му легално паркинг место.
Но, има и друга поента во оваа необична преработка, покрај обидот на брендот да се наметне во културниот дискурс. Кампањата има за цел да ја промовира новата технологија за асистенција при паркирање на Фолксваген, к0ја ќе им ја олеснува работата на возачите кога треба да се паркираат паралелно преку автоматизиран систем.
Нарекувајќи ја „бубата“ од омотот на албумот “Abbey Road” еден од најпознатите моменти на погрешно паркирање во историјата, од Фолксваген истакнуваат дека кампањата всушност покажува колкав пат e поминат за унапредување на технологијата за паркирање во изминатите пет години.
„Фолксваген континуирано создава иновации со цел возачкото искуство да го направи подобро и побезбедно и за возачите и за пешаците. Ние сакаме да покажеме колку всушност нашата технологија е унапредена од времето на таа паркинг грешка, така што никој друг не мора да живее со вечно потсетување на нивната грешка,“ истакна Жанет Астеборг, маркетинг директор во Фолксваген Шведска.