Германскиот автомобилски бренд Volkswagen беше принуден да ја повлече својата нова реклама од социјалните медиуми и да се извини поради нејзиниот наводен расистички карактер.
Volkswagen на социјалните мрежи Twitter и Instagram објави кратка 10-секундна реклама со која сакаше да го промовира новиот Голф. Меѓутоа, спотот прикажува голема бела рака која присилно турка еден човек со темна боја на кожата понастрана од автомобилот, а потоа го фрла во кафуле чие француско име значи „Малиот колонист“. Ако ова не беше доволно лошо, првите букви кои се појавуваат од слоганот “Der Neue Golf” („Новиот Голф“) можат да бидат прочитани како расистичка навреда.
По острата реакција на јавноста, Volkswagen ја повлече рекламата и се извини, соопштувајќи дека го разбираат гневот на луѓето и дека темелно ќе ја истражат ситуацијата како воопшто дошло до таква несоодветна и невкусна реклама. Од Volkswagen додадоа дека тие се свесни за својата нацистичка историја и поради тоа одлучно се спротивставуваат на сите форми на омраза, клевета, пропаганда и дискриминација. Според нив, овој пропуст нема да помине туку-така и ќе има одговорност.