Компанијата „Better Business World Wide” оваа година по десетти пат ги анализираше податоците од агенциите што спроведуваат тајни купувања во Азија, Европа, Северна и Јужна Америка. Извршени се 1,6 милиони посети на тајни купувачи, во 53 земји од светот. Во истражувањето учествуваше и Македонија, со поддршка на агенцијата за истражување„SWOT Research“.
Според истражувањето, Македонија е на високото петто место по насмевките што купувачите ги добиваат од вработените. Со 91% насмеани вработени Македонија е над светскиот просек што изнесува 83%. Овој резултат е повисок во споредба со минатата година, кога имавме резултат од 72%. Лидер на табелата е Полска, а веднаш по неа се Ирска, Шпанија и Чешка. Земјите со најмалку насмевки се Кина, Макао и Јужна Кореа со резултат под 60%.
Иако можеме да се пофалиме со насмевки, истото не можеме да го кажеме и за поздравите. Тајните купувачи во Македонија биле поздравени од вработените во 67% од спроведените посети. Со тој резултат се наоѓаме на четвртото место од крајот на табелата, во друштво со Азиските земји Хонгконг, Макао и Индија. Овој резултат е значително понизок од светскиот просек што изнесува 86%. На врвот на табелата се наоѓаат Гватемала, Панама, Перу и Уругвај.
Извор:InStore