“Идеја. Концепт. Дизајн.“ е повеќедневна работилница, наменета за млади графички дизајнери и креативци, на која ќе се разработуваат концепти и дизајни наменети за онлајн маркетинг комуникација на зададен клиент и проект, организирана од дигиталната агенција Brand Union.
Најуспешните двајца креативци ќе добијат понуда за вработување[*] во Brand Union, започнувајќи од 1.02.2016 година.
Пријавување на : contact@brandunion.mk
За кого е наменета работилницата ?
Оваа работилница е наменете за (млади) графички дизајнери кои со својата визија ја надминуваат позицијата графички дизајнер и размислуваат за креативни концепти наспроти креативни дизајни. Креативци на кои не им е единствена цел да создаваат убави дизајни туку да создаваат интерактивни креативни искуства кои се комуницираат преку широк спектар на медиуми. Дизајнери кои се креативното лепило на целиот тим и допринесуваат за негово креативно издигнување.
Креативци кои се подготвени да прифатат несекојдневен предизвик, да размислуваат вон конвенционалните рамки, да наоѓаат инспирација во секојдневието и истата да имаат способност да ја преточат во својата работа.
Креативци кои имаат желба да работат во тим во кој заеднички ќе ги развиваат идеите. Креативци кои се пионери во нови технологии, адвокати на несекојдневни идеи и ги поместуваат границите со своето тежнеење кон себе-подобрување и подобрување на тимот. Тие се пред сѐ гласноговорници на целната публика и се подготвени да го редефинираат начинот на кој таа се комуницира. Тие се креативни фрикови кои ги следат современите трендови во графичкиот дизајн, културата, индустријата и технологијата, кои се страствени консументи на пишаниот збор преку книги, магазини и блогови.
Креативци кои водат со својот пример и го охрабруваат и мотивираат целиот тим да истражува, да ја развива својата љубопитност и да се стреми кон совршенство.
Креативци кои се дружат со интелектуалци, сонувачи, дизајнери, истражувачи на секојдневието, супер-херои, диџеи, поети, програмери… И не се плашат да истражуваат и експериментираат низ различни дисциплини.
Претходно искуство
Претходно работно искуство во иста или слична област е пожелно, но не е пресудно. Потребно е разбирање на онлајн медиумите и принципите на нивната употреба за комерцијални цели. Креативна визија за создавање на креативни концепти кои потоа се преточуваат во конкретни рекламни материјали како што се веб банери, Фејсбук и Инстаграм постови, веб презентации, апликации и слични онлајн промотивни материјали.
Технички познавања
Потребно е напредно познавање на Адоб алатките (Фотошоп и Илустратор) како и принципите и техниките за графички дизајни наменети за дигитална дистрибуција – соодветни резолуции и формати, принципи за изработка на кориснички интерфејси за веб и мобилни апликации, изработка на ГИФ анимации и слично.
Покрај дигиталните способности ние ја цениме и „рачната работа” па нашиот креативец не треба да се срами да го прошета пенкалото по лист хартија од време на време.
Право на пријавување
Право на пријавување имаат сите кандидати со веќе завршено високо образование од областа на графичкиот дизајн, визуелните комуникации и ликовната уметност, како и сите млади, креативни, самостојни дизајнери.
Завршено високо образование не е предуслов за пријавување на работилницата.
Што ќе добијат учесниците?
Најуспешните двајца креативци ќе добијат понуда за вработување[*] во Brand Union, започнувајќи од 1.02.2016 година.
За времетраење на работилницата учесниците ќе добијат можност да соработуваат со искусни ментори кои ќе ги насочат во процесите кои ќе се водат за време на работилницата. Учесниците ќе имаат можност практично да учествуваат во процес на развивање на онлајн маркетинг концепт за потребите на зададен бренд.
Што ќе добиеме ние
Се надеваме на двајца нови членови на нашиот тим, а и притоа да запознаеме многу млади креативци кои се истомисленици и двигатели на креативноста во нашата индустрија.
Жирирање
Жири комисијата брои 4 члена и тоа:
- Лазе Трипков, професор по дизајн, директор на ПЛАКАРТ -Здружение на графички дизајнери, организатор на повеќе дизајн манифестации, куратор на меѓународни изложби.
- Ира Стефанов Бабиќ, Ко-сопственик и Извршен директор на Brand Union. 14 годишно искуство во маркетинг, од кои последните 3 години насочени кон интернет медиумите.
- Андрија Граматиковски, Кретивен директор во Division и ко-основач на 4Ward. 14 годишно искуство во областа на графичкиот дизајн со посебно внимание на дизајн наменет за веб. Големо искуство во работа со креативни тимови на различни проекти за традиционален и дигитален маркетинг.
- Ива Дујак, Магистер на Економски науки, отсек Маркетинг. Digital Operations Manager во Brand Union, одговорна за развој на онлајн комуникацијата на бројни македонски и интернациноални брендови.
Критериуми на жирирање
Во финалниот избор, членовите на жирито ќе се придржуваат до критериумите кои ќе се засноваат на следната матрица:
Важни датуми
5.12.2015 | Објавување на работилницата. | |
9.12.2015 17:00 попладне |
Рок на пријавување за учество во работилницата | |
10.12.2015 10:00 претпладне |
Прва средба, запознавање и брифинг | |
12.12.2015 |
Работен состанок каде учесниците ќе ги презентираат првичните концепти и идеи, и за истите ќе добијат совети и насоки од жири комисијата | |
14.12.2015 | Пријавување на финален предлог идеја.концепт.дизајн. | |
15.12.2015 | Затворени презентации на учесниците | |
16.12.2015 | Прогласување на најкреативните двајца учесници |
Очекувања
Од учесниците во работилницатa се очекува по добиениот брифинг, самостојно да работат и разработуваат идеја, концепт и дизајн за зададената задача. Во процесот на разработка на проектот ќе биде обезбеден еден работен состанок, каде учесниците ќе добијат насоки, размислувања, корекции од жири комисијата. На крајот, секој учесник треба да достави по електронски пат, финална верзија од својот предлог. Сите предлози ќе бидат разгледани, а потоа секој учесник ќе има можност на затворен состанок да го презентира и оправда својот концепт.
Најкреативните двајца учесници/проекти ќе бидат претставени на Конференцијата за Креативни хабови, која ќе се одржи на 16.12.2015 во Кинотека Македонија.
За Brand Union Digital Agency
Brand Union е дигитална маркетинг агенција која е специјализирана за комуникација на интернет медиумите. Големото портфолио на клиенти кои ни ја дале довербата да ги осмислуваме и менаџираме нивните онлајн маркетинг активности, ни дава исклучителна можност секојдневно да се стекнуваме со нови искуства, а со тоа од ден на ден да стануваме сѐ подобри и подобри. Ние сме тим професионалци и ентузијасти, на кои онлајн комуникацијата им е секојдневие, а предизвикот да се работи маркетинг за брендови и компании на интернет медиумите ни е животен двигател. Оние што нѐ запознале ќе кажат дека сме супер функционален тим, тим на луѓе кои со задоволство и безрезервно се посветуваат на работата.
Пријави се:
Испрати ни го своето портфолио и пофали се со твоите проекти со кои најмногу се гордееш. Прати на contact@brandunion.mk
[*] Brand Union го задржува правото да не вработи ниту еден од учесниците, доколку добиените предлози и решенија не ги исполнуваат критериумите поставени од жири комисијата.