Швајцарскит производител на луксузни часовници TAG Heuer и германскиот бренд на спортски автомобили Porsche во 2021 година склучија глобално партнерство со цел да ја слават нивната историја и вредности на квалитет, иновации и престиж. Сега, тие со гордост го претставија својот нов заеднички часовник: TAG Heuer Carrera Chronosprint x Porsche, дизајниран во две верзии.
Часовникот е дел од активносите за одбележување на 60-годишнината од лансирањето на колекцијата TAG Heuer Carrera во 1963 година, но и на Porsche 911 (оригинално наречен 901) во истата година. Спојувајќи ги елементите од часовникот и од автомобилот, новиот модел нуди неспоредливо искуство за мерење на времето. Во ова издание, брзината и прецизноста се спојуваат за да ја доловат суштината на извонредното достигнување на оригиналниот Porsche 901: достигнување брзина од 0-100 km/h за само 9,1 секунди!
„Овој часовник совршено ја отелотворува суштината на мотоспортот и нашето партнерство со Porsche. Беспрекорно го споивме наследството на 911 и TAG Heuer Carrera, користејќи ја врвната технологија и уникатниот дизајн. Тоа е доказ за нашите заеднички вредности на прецизност, иновација и длабока благодарност за нашите соодветни истории“ – вели Фредерик Арно, извршен директор на TAG Heuer.
Изработен со елегантно метално куќиште со дијаметар од 42 mm, новиот часовник доаѓа во две варијанти: од полиран нерѓосувачки челик и од злато, надополнет со допири на автомобилски шмек што преовладуваат во неговиот дизајн.
На дисплејот, TAG Heuer Carrera Chronosprint x Porsche ја рефлектира брзината и забрзувањето на познатиот спортски автомобил, со црвени детали како референца кон иконичната контролна табла на Porsche од 1970-тите.
На пример, малиот бројчаник кај 6 часот упатува на брзинометарот на тогашните автомобили на Porsche, каде полето шрафирано со црвено, околу 50 км/ч, ја означувало препорачаната брзина за возење во урбани средини. Во малиот бројчаник кај 9 часот, црвената линија која почнува кај 6.8 служи како потсетник за критичната граница на моторот над која можело да дојде до оштетување – 6800 вртежи во минута.
Врз дисплејот на часовникот беспрекорно се надвиснува куполната „стаклената кутија“ изработена од заоблено кристално стакло, оддавајќи почит на сличните куполни хесалитни кристални дизајни од 1970-те.
Во внатрешноста на куќиштето „чука“ механизмот TH20-08, како нова интерпретација на механизмот TH20 претставен од Tag Heuer на овогодинешниот саем Watches & Wonders во Женева. Новиот механизам е спефицично дизајниран за прецизни мерења на кратки временски интервали.
Новиот TAG Heuer Carrera Chronosprint x Porsche се продава по цена од 9.450 евра за челичната варијанта, односно 23.900 евра за златната варијанта. Официјални застапници за производите на TAG Heuer во Македонија се „Божиновски часовници и накит“.