Минатата среда PepsiCo го најави враќањето на проѕирниот газиран пијалок Crystal Pepsi, кој оригинално се произведувал од 1992 до 1994 година. Канадските потрошувачи ќе можат да го купуваат од 11 јули, додека во САД ќе се појави од 8 август.
За да ја зголеми возбудата кај носталгичарите на 1990-те години, враќањето на Crystal Pepsi ќе биде проследено и преку посебна верзија на популарната компјутерска игра од 90-те “The Oregon Trail”, наречена “The Crystal Pepsi Trail”. Играта ќе може да се игра онлајн на www.crystalpepsi.net, почнувајќи од 7 јули.
“Секогаш сме имале посебно место во нашите срца за Crystal Pepsi, а сега се создадоа услови за неговото враќање,” изјави Стејси Тафет, маркетинг директор во Pepsi. “Како подобро да се прослави враќањето на овој легендарен пијалок од 90-те, отколку со еден нов пристап кон една од најсаканите игри на деценијата?!,” додаде таа.
Crystal Pepsi беше накратко вратен во декември, но потрошувачите требаше да учествуваат во наградна игра со цел да го добијат пијалокот.
Според Wall Street Journal, враќањето на пијалокот е обида да се зголеми опаѓачкиот профит на компанијата: “Тоа е најновиот обид на број 2 играчот (зад Coca-Cola) во индустрјата за газирани пијалоци да ги врати своите потрошувачи. Продажбите на PepsiCo во САД се паднати за 2%, што е далеку полошо од севкупниот пад од 0.6% во индустријата.”
Додавајќи дека консумацијата на газирани пијалоци по глава на жител во САД е на најниско ниво во последните 30 години, поради тоа што потрошувачите повеќе се вртат кон други пијалоци како флаширана вода, чаеви и енергетски пијалоци.
Следуваше уште едно соопштение на Pepsi во кое компанијата најави дека го враќа својот диетален пијалок Diet Pepsi со контроверзниот засладувач аспартам.
“Потрошувачите сакаат избор во диеталните газирани пјалоци, па така, ќе го освежиме нашиот асортимат во САД, така што ќе понудиме три опции со цел да излеземе во пресрет на различните преференци на купувачите. Третата опција е Pepsi Zero Sugar, порано позната како Pepsi Max,” стои во соопштението од Pepsi.
Но, Pepsi не е единствената компанија за газирани пијалоци која во скоро време се враќа кон минатото. Coca-Cola го врати Surge, што беше проследено со голема возбуда, по што беше вратен и Hi-C Ecto Cooler.
Како што се’ повеќе компании од прехранбената индустрија се обидуваат да ги ревитализираат опаѓачките продажби, можеме да очекуваме уште повеќе производи од минатото да се вратат во продавниците.