Најсилната кошаркарска лига во светот, американската НБА, се враќа на 30 јули после неколкумесечна пауза поради пандемијата на корона вирусот. По тој повод, НБА ја лансираше својата нова кампања насловена „Тоа е целосно нова игра“, во која главен лик е актерката Иса Рае.
Рае, која истовремено е и автор и продуцент на кампањата, влегува во празна кошаркарска арена и раскажува за предизвиците и промените со кои се соочи светот оваа година, посочувајќи уште еднаш дека навистина сфаќаме колку нешто ни значи кога тоа повеќе го нема.
Нејзиниот говор во рекламата е проследен со снимки од некои од најинтересните моменти од сезоната пред нејзиното паузирање. На крајот, Рае го објаснува новиот формат во кој ќе се доигра кошаркарската сезона, истакнувајќи дека оваа НБА ќе биде целосно нова игра.
Рекламата е преведена на дополнителни десет светски јазици, а покрај неа, кампањата за продолжението на сезоната ќе вклучува уште неколку спотови кои ќе бидат лансирани во претстојниот период, како што ќе прогресира сезоната.