Денови на комуникациите го ставаат во фокус звукот како недоволно искористена, но моќна алатка за градење диференцијација и доверба
Визуелното доминира во „feed“-овите, типографијата се анализира до пиксел, а „brand book“-овите растат побрзо од буџетите. И додека сите гледаат како изгледа еден бренд, ретко кој сериозно се прашува – како тој звучи? Токму затоа на Деновите на комуникациите, кои од 7 до 10 мај се одржуваат во Ровињ, пристигнува Стив Келер – човекот кој звукот го претвора во стратешко оружје на брендовите.
Келер доаѓа од Њујорк како Sonic Strategy Director во Studio Resonate, аудио консултантска куќа во рамки на SiriusXM Media. Неговата работа? Да го обликува начинот на кој брендовите звучат – и како публиката ги доживува – преку Pandora, SiriusXM, SoundCloud и SiriusXM Podcast Network. Ако еден бренд има глас, голема е веројатноста дека Келер учествувал во тоа како тој се користи.
Со диплома по психологија и долгогодишно искуство во музиката и огласувањето, Келер на звукот му пристапува како на стратешки механизам, а не како на декорација. Тој истражува како аудио-архетиповите ја обликуваат перцепцијата, како тонот на гласот гради доверба и како музиката влијае врз доживувањето на вредноста – па дури и на вкусот. Истовремено отвора и теми што индустријата често ги заобиколува: ВИ гласови, реалниот ефект на музиката, пристрасноста во „естетските“ проценки и односот меѓу гласот и општествените конструкти. Со други зборови, преиспитува колку нашите креативни одлуки се навистина неутрални – и колку се однапред обликувани од звукот.
На Денови на комуникациите, Келер го носи „Sound Thinking – The Power of Audio. Amplified“, предавање што му го враќа на звукот местото што му припаѓа – во центарот на стратегијата. Наместо аудиото да биде само мал дел од кампањата, Келер го поставува над тоа: како алатка што гради препознатливост, обликува перцепција и активира емоција побрзо од кој било визуел. Преку примери од праксата и психологијата на звукот ќе покаже како гласот, музиката и тишината можат да се дизајнираат со иста прецизност како визуелниот идентитет – за да не бидат само пријатни, туку и ефикасни. Зашто она што публиката го слуша често одлучува што ќе запамети, а она што ќе го запамети – на крајот и го купува.
На главната сцена Келер ќе им се придружи на Јирген Шмидхубер, неконвенционален професор и татко на модерната вештачка интелигенција, Џули Супан, елитна бренд-стратегиња која ги постави маркетиншките темели на YouTube, Airbnb, Dropbox, Reddit и Discord, Марк Полард, еден од највлијателните светски стратези на денешницата, Крис До, креативен ментор познат по редефинирањето на начинот на кој креативците го позиционираат и наплатуваат својот труд, како и Нил Пател, експерт за дигитален маркетинг и раст – дополнително потврдувајќи ја позицијата на Деновите на комуникациите како место на средба на идеи што долгорочно ја обликуваат индустријата.
Денови на комуникациите и оваа година во Ровињ носат глобални перспективи и конкретни знаења – на место на средба на индустријата што бара повеќе од инспирација. Повеќе информации се достапни на следниот ЛИНК.


















