Децата на вработените заедно со своите родители го посетија производството фармација
Водени од грижата за човечките ресурси и од континуираните заложби за негување и јакнење на врската меѓу компанијата и вработените, со оваа иницијатива децата на вработените во „Алкалоид“ имаа ретка можност да го посетат производствениот објект фармација во Автокоманда и одблиску да се запознаат со производствените процеси и активности на работните места на нивните родители.
Низ организирана прошетка, малите алкалоидовци, преку наративно објаснување со лесен тон на раскажување приспособен на нивната возраст, имаа можност да се запознаат со сите процеси: од почетокот на производството, па сѐ до процесната контрола и пакувањето. Младите истражувачи учествуваа и во практични активности со симулирани контролни тестови и мерења и со мешање течности и бои, наменети да ја разбудат нивната љубопитност. Како и при претходната посета, децата уживаа и во забавниот аспект на настанот, при што се вклучија во групни игри и организирани активности за меѓусебно дружење и зближување, што дополнително го збогати нивното искуство.
Оваа иницијатива продолжува да биде значаен дел од корпоративната култура на „Алкалоид“, воведувајќи ги децата на вработените во светот на науката и технологијата на забавен и едукативен начин. Овие моменти на заедништво ја дополнуваат визијата на „Алкалоид“ за создавање средина во која вредностите на компанијата се живеат и се споделуваат со идните генерации.