Компанијата за маркетинг истражувања WARC го објави својот нов извештај за најефективните кампањи, агенции и огласувачи за 2023 година. Составен од WARC Creative, годишното рангирање Effective 100 се заснова на освоените награди на најважните глобални и регионални натпревари кои ја слават маркетиншката ефективност, избрани воконсултација со Советодавниот одбор за рангирање на WARC.
„WARC Effective 100 делува како репер за извонредност во ефективноста, претставувајќи ги најуспешните кративни дела и истакнувајќи ги компаниите кои успеале да постигнат влијание. Размислувајќи за врвните кампањи, многумина се посветија на решавање на важни социјални прашања. Whisper се фокусираше на предизвиците со кои се соочуваат младите девојки поради недостаток на едукација за менстурацијата, Partners Life ја истакна важноста на животното осигурување за безбедноста на најблиските, Flutwein ги истакна штетите кои ги претрпеле винариите поради поплави, Vaseline се насочи против системскиот расизам и нееднаквоста во здравствената заштита, а Home Center ги предизвика социјалните табуа околу посвојувањето деца на Блискиот Исток“ – посочува Ејми Роџерс, директорка за содржини во WARC Creative.
Најефективни кампањи
Според WARC, најефективната кампања во 2023 година беше „Shah Rukh Khan-My-Ad“, создадена од агенциите Ogilvy Mumbai и Wavemaker Mumbai за клиентот Cadbury. Брендот за кондиторски производи ја зголемил продажбата на својот производ Celebrations за 35% за време на празникот Дивали со интерактивна, геотаргетирана кампања што ја издигна индиската суперѕвезда Шах Рук Кан во амбасадор на малите локални продавници.
На второ место се најде „Keep Girls in School“ од Leo Burnett Mumbai, EssenceMediacom Mumbai, Leo Burnett Gurgaon и EssenceMediacom London за брендот за женска нега Whisper, кој покрена долгорочна иницијатива за намалување на стапката на напуштање на образованието поради нивната менструација.
На третото место е кампањата „Famous Orders“ на McDonald’s од агенциите Wieden+Kennedy New York, Narrative Los Angeles, Alma Miami и Burrell Chicago. Брендот за брза храна започна да ги нуди нарачките на разни познати личности како нови оброци со цел привлекување на младите мултикултурни потрошувачи.
Најефективни креативни агенции
Откако дебитираше на 26-то место во минатогодишниот извештај, агенцијата Leo Burnett Dubai забележа неверојатен напредок на листата за да се искачи на првото место за оваа година. Најуспешната кампања на агенцијата беше „The Homecoming“ за клиентот Home Centre, која се рангираше на 9-то место и беше меѓу 4 други кампањи од оваа агенција кои беа рангирани во првите 100.
На второто место се искачи агенцијата Ogilvy Mumbai, најмногу благодарение на нивната погореспомената кампања која се најде на првото место на ранкингот за најефективни кампањи. Со две кампањи во топ 100, агенцијата AlmapBBDO São Paulo се успеа да се издигне на третото место во овогодишниот извештај.
Најефективни медиски агенции
За прв пат, Mindshare New York ја освои титулата за најефективна медиска агенција на годината во рангирањето на WARC. Овој успех доаѓа благодарение првенствено на нивните кампањи за брендовите на Unilever, од кои како најуспешна се покажа „See My Skin“ за Vaseline.
Второто место му припадна на агенцијата Wavemaker Mumbai, додека пак Starcom Chicago го освои третото место.
Најефективни агенциски мрежи
Ogilvy ја задржа првата позиција како агенциска мрежа со најдобри перформанси за ефективност. Мрежата имаше 11 кампањи во првите 100, вклучувајќи ја и најефективната кампања „Shah Rukh Khan-My-Ad“, како и осум агенции во рангирањето на најефективните креативни агенции.
DDB Worldwide се најде на второто место со импресивни 19 кампањи во првите 100 и седум агенции во рангирањето на креативните агенции. Leo Burnett го задржа третото место со 13 кампањи и пет рангирани агенции.
На врвот на независни агенциски мрежи се најде Special, првенствено благодарение на трите кампањи на Special Auckland во топ 100.
Најефективни холдинг-компании
После пет години на втората позиција, Omnicom Group успеа да се искачи на првото место за да биде прогласена за најефективна холдинг компанија за 2023 година, со 13 креативни агенции и 15 медиски агенции во првите 50.
По тесната трка со Omnicom, WPP се најде на второто место со рангирани 10 креативни и 10 медиски агенции, додека пак третото место му припадна на Publicis Groupe, со 7 креативни агенции и 11 медиски агенции во рангирањето.
Најефективни брендови
Веќе петта година по ред, врвот на листата на најефективни брендови го задржува McDonald’s, со три кампањи во топ 100. Меѓутоа, кон нивниот збир на поени придонеле дури 40 кампањи во 23 различни земји.
На второто место се најде брендот на кондиторски производи Cadbury, најмногу благодарение на најдобро рангираната кампања „Shah Rukh Khan-My-Ad“, додека пак третата позиција меѓу најефективните брендови му припадна на KFC.
Најефективни огласувачи
Трета година по ред, Anheuser Busch InBev е највисоко рангиран огласувач кога е во прашање ефективноста, со дури 32 брендови кои придонеле во вкупниот збир на бодови, од кои 5 рангирани во топ 50.
Unilever се искачи на второто место, со три рангирани брендови – Dove, Vaseline и Hellmann’s. Третото место во рангирањето на најефективните огласувачи му припадна на McDonald’s.
Најефективни држави
САД остануваат најнаградуваната земја во сферата на маркетиншката ефективност, со 24 кампањи во првите 100. Индија се искачи на второто место со рангирани седум кампањи, додека пак Бразил го освои третото место.
***
Листата WARC Effective 100 е составена со користење на ригорозна, непристрасна и транспарентна методологија, образложена на следниот ЛИНК. Рангирањата WARC Effective 100, Creative 100 и Media 100 може целосно да се разгледаат ТУКА. За ограничено време, сумарниот извештај на WARC Effective 100 е достапен за сите заинтересирани на ОВОЈ линк.