Меѓународната компанија за маркетинг истражувања WARC го објави својот нов извештај за најнаградуваните креативни кампањи, агенции и компании во светот – Creative 100.
Составен од WARC Creative, годишното рангирање Creative 100 ги одразува оние креативни остварувања кои се здобиле со награди на најважните глобални и регионални креативни фестивали во 2023 година. Фестивалите што се следат се одредуваат со годишно глобално истражување и во консултација со Советодавниот одбор за рангирање на WARC.
„Креативното користење на дигиталните технологии преовладува во овогодинешниот Creative 100, користени во кампањите „The First Digital Nation“ за Владата на Тувалу, „McEnroe vs McEnroe“ за Michelob Ultra и „Backup Ukraine“ за Polycam/УНЕСКО, меѓу останатите. Правата на жените беа доминантна цел за многу кампањи на врвот на Рангирањето, како што е прворангираната „Morning After Island“ и четврторангираната „Knock Knock Knock““ – објаснува Ејми Роџерс, директор за содржини во WARC Creative.
#1 Креативна кампања: „Morning After Island“ од Ogilvy Tegucigalpa за Grupo Estratégico PAE
Најпрославената креативни кампања во 2023 година била „Morning After Island“ за невладината организација Grupo Estratégico PAE од Хондурас. Агенцијата Ogilvy Tegucigalpa создаде физичка активација и кампања на социјалните медиуми за да ја поништи националната забрана за итна контрацепција.
„Сведочејќи го рангирањето на „Morning After Island“ како најнаградувана креативна кампања на годината, е доказ за истрајноста на нашиот тим во Хондурас и доказ дека креативноста нема граници“ – вели Лиз Тејлор, глобален генерален креативен директор на Ogilvy.
#1 Креативна агенција: BETC Paris
Со постепено искачување во рангирањето на креативни агенции од 2019 година наваму, BETC Paris за прв пат го обезбеди првото место. Со три кампањи во топ 100, за клиентите Women in Games, Duolingo и Canal+, агенцијата Havas Creative Group обезбеди победничка разлика од над 100 поени.
#1 Креативна агенциска мрежа: Ogilvy
Ogilvy е најнаградуваната агенциска мрежа веќе четврта година по ред, со 37 канцеларии кои придонесуваат за нејзиниот вкупен успех. Притоа, дури девет канцеларии се најдоа во првите 50 најкреативни агенции, вклучувајќи и пет канцеларии на агенцискиот бренд DAVID. Оваа агенциска мрежа е исто така потпишана позади 12 од најкреативните 100 кампањи за 2023 година.
#1 Креативна холдинг-компанија/групација на годината: WPP
WPP ја задржа својата позиција на врвот на рангирањето на холдинг-компаниите со три агенциски мрежи во првите 50, вклучувајќи ги прворангираната и треторангираната агенциска мрежа, Ogilvy и VML.
#1 Креативен бренд: Burger King
Веќе шеста година по ред, Burger King е на врвот на рангирањето на брендовите по однос на креативноста. И покрај тоа што имаше само една кампања во топ 100 (“Burger Glitch”), ланецот на ресторани за брза храна ги собра поените преку вкупно 26 наградени кампањи во целосниот сет на податоци.
#1 Креативен огласувач: Anheuser-Busch InBev
Веќе трета година по ред, AB InBev е на врвот на рангирањето на огласувачите. Компанијата за производство на алкохолни пијалоци имаше седум кампањи во топ 100 најкреативни кампањи, а четири од нивните брендови се најдоа во рангирањето за топ 50 најкреативни брендови.
#1 Креативна држава: САД
САД го задржуваат своето прво место како најнаградувана држава за креативност – позиција што ја држи од 2006 година (уште кога Creative 100 се викаше The Gunn Report). Сепак, за прв пат по 10 години, Обединетото Кралство испадна од второто место, преземено од Франција со мала разлика на поени.
За ограничено време од една недела, краткиот збирен извештај на WARC Creative 100 е достапен за сите заинтересирани на овој линк, а целосниот извештај со сите податоци е достапен за членовите на WARC Creative на следниот ЛИНК.