Пред скоро една година беше најавено спојувањето на медиските компании Discovery и WarnerMedia во ентитетот “Warner Bros. Discovery”, а потоа беше објавено и првичното лого на новата компанија. Меѓутоа реакциите за најавеното лого беа крајно негативни, опишувајќи го како создадено во две секунди во Word Art на Microsoft Office.
Но, сега, откако договорот за спојување на Discovery и WarnerMedia беше конечно финализиран овој месец, го добивме и вистинското лого на новата компанија – значително подобрено!
За основа е земен традиционалниот визуелен идентитет на филмското студио Warner Bros, со својот препознатлив сино-златен штит со иницијалите WB, кој за прв пат бил презентиран пред јавноста во далечната 1948 година.
Според дизајнерската агенција Chermayeff & Geismar & Haviv, која го дизајнираше новото лого на Warner Bros Discovery, целта била да се одаде почит на кинематографските корени на филмското студио.
Новото лого ги наследува штитот, иницијалите и палетата на бои, но со чисти и едноствни форми, така прилагодени за вкусот на модерното време.
„Семејеството на “Warner Bros. Discovery” има споделено наследство на раскажување приказни и токму овој аспект е наменет да блесне преку новиот амблем. Тоа е она што го прави да се издвојува од другите стриминг гиганти, кои наместо тоа усвоија поапстрактни логоа“ – објаснува Саги Хавив, партнер во дизајнерското студио Chermayeff & Geismar & Haviv.
Под капата на новата компанија и нивното лого ќе се најде широк спектар на медиски брендови, вклучувајќи ги Discovery Channel, Warner Bros Entertainment, CNN, DC, HBO, Cartoon Network, Animal Planet и Food Network.