Пред неколку денови беше соопштено дека медискиот гигант Warner Bros Discovery и англискиот спортски телевизиски канал BT Sport основаат нова компанијата на британскиот пазар со споделено учество од 50/50, која ќе ги спои BT Sport и Eurosport UK.
Иницијално, двата брендови ќе продолжат да функционираат одвоено, со планови за подоцнежно лансирање на сосем нов спортски телевизиски бренд. Имено засега не е познато, но новиот бренд би требало да ги наследи правата за телевизиски пренос на спортски настани како Олимписките игри, англиската Премиер Лига, УЕФА Лигата на Шампионите, англиската рагби лига, MotoGP, UFC, WWE и тениските Грен слемови.
„Важно е фановите да знаат дека можат да продолжат да уживаат во BT Sport и Eurosport UK како што уживаат денес и ние ќе ги известиме за идните планови најрано што можеме“, посочува Ендрју Георгиу, член на бордот на директори на новата компанија и управен директор на Warner Bros Discovery Sports Europe.
Лансирањето на нова спортска телевизија што ги спојува BT Sport и Eurosport UK би претставувала вистинска конкуренција на засега доминантите Sky Sports, кои ги имаат правата за пренос на Светското фудбалско првенство, Премиер Лигата, фудбалските натпреварувања на УЕФА, рагби, крикет, тенискиот US Open и пикадо.
Според познавачите на британскиот пазар, вистинската закана за Sky може да дојде во следните неколку години и тоа надвор од сферата на спортот, со оглед на тоа што во 2024 година им истекува договорот за пренос на содржините на американската HBO Max (инаку во сопственост токму на Warner Bros Discovery).