Американскиот дневен весник The Washington Post е „на пат да загуби околу 100 милиони долари во 2023 година, според двајца луѓе со познавање на финансиите на компанијата“ – пишува другиот „голем“ американски дневен весник, The New York Times.
Во објавената статија на NYT, се вели дека уште две други лица информирани за ситуацијата во компанијата очекуваат дека Washington Post нема да ги достигне претходно предвидените прогнози за огласувачки приходи остварени во текот на оваа година.
Вашингтонскиот весник исто така се „борел“ да го зголеми бројот на претплатници од изборите во 2020 година, кога нивните дигитални претплати достигнале врв од три милиони луѓе, а сегашниот број на претплатници паднал на околу 2,5 милиони.
Пред точно една деценија, The Washington Post беше купен од страна на милјардерот и основач на Amazon, Џеф Безос, по цена од 250 милиони долари, претставувајќи една од најзначајните медиумски аквизиции во последната деценија.
Во услови кога бизнисот на весникот не оди баш најдобро, се шпекулира дека Безос во последните неколку месеци почнал активно да интервенира во управувањето со весникот, па останува да видиме колкав ќе биде ефектот од неговото влијание.
Од New York Times велат дека побарале интервју од Џеф Безос, но биле одбиени од страна на неговиот портпарол. На прашањата на конкурентот решила да одговори актуелната в.д. извршна директорка на WAPO, Пети Стоунзифер, која рекла дека господинот Безос е задоволен од „секој долар инвестиран“ во компанијата.
„Јас сум многу ентузијастична за тоа што можеме да направиме овде во Washington Post во деценијата што следи. Втората деценија на Џеф од сопственоста на The Post треба да биде уште повозбудлива“ – изјавила Стоунзифер за The New York Times.
Целосната анализа на ситуацијата во Washington Post, објавена од New York Times, може да се прочита на следниот линк.