Француската агенција за заштита на приватноста CNIL, нареди WhatsApp да престане да ги споделува своите кориснички податоци со Фејсбук, во чија сопственост е. Апликацијата во рок од еден месец мора да ја исполни оваа наредба, во спротивно следат ригорозни казни.
Истрагата почна по WhatsApp минатата година откри дека споделува податоци со Facebook поради развој на целното рекламирање, сигурносни мерки и бизнис интелигенција.
CNIL утврди дека намерата на WhatsApp да ја подобри безбедноста на корисникот е валидна, но причината за бизнис интелигенција не е прифатлива. WhatsApp никогаш не ги извести своите корисници дека собира податоци за бизнис интелигенција и дека нема начин тоа да се спречи, освен со деинсталирање на апликацијата. CNIL тврди дека WhatsApp ги крши основните права на корисниците.
Европските агенции влијаеле врз Фејсбук и во минатото, особено кога станува збор за споделување на податоци. Германија нареди Фејсбук да престане да собира податоци од корисниците на WhatsApp во септември минатата година, а во Велика Британија, Фејсбук се согласи да прекине со собирањето податоци во ноември минатата година.
Во март оваа година, Европската унија го казни Фејсбук со 122 милиони евра за погрешни информации при купувањето на WhatsApp. Во тоа време, компанијата тврдеше дека нема да може да ги поврзе корисничките профили на WhatsApp со Фејсбук.