Women in Tech Македонија и Импакт Фондација – Скопје организираат oнлајн конференција за жени и девојки во технологија и претприемништво. Конференцијата „Девојки во Технологија“ ќе се одржи на 14.05.2020 година (Четврток) со почеток во 17 часот.
Учеството е бесплатно, а пријавувањето за учество може да се направи преку следнава веб адреса: https://bit.ly/2yM51aM
Оваа конференција има за цел да претстави примери (role models) на успешни жени во технологијата пред пошироката публика со што би се зајакнала улогата на жената во технолошкиот сектор како и поттикнување на девојките повеќе да размислуваат за кариера во технологијата преку промовирање на опцијата за образование и кариера во технологија.
Преку интеракција сакаме да овозможиме простор нашите жени, девојки во технологија, лидери во ИТ индустријата, да разменат мислења, да дискутираат за своите животни приказни и да споделат искуство. Овие приказни и искуства ќе ги инспирираат девојките кои се на прагот за избор на своја кариера, оние кои сакаат да направат напредок во технологија, но и сите останати жени и девојки преку промоција на инклузивност на работното место.
Што може да очекувате за време на конференцијата:
- Интерактивни презентации од 8 инспиративни жени лидери претприемачи и девојки во технологија.
- Како да си помогнеме себеси и меѓусебно со поддршка и активно вклучување во понатамошните настани.
Кој сè може да присуствува:
Секој што сака да слушне инспиративни приказни без разлика на полот, професијата или возраста.
Конференцијата е дел од Програмата „Повеќе девојки во технологија“ која допринесува во поттикнување на младите во креирање идеи од областа на информатичката технологија и во поттикнување на младите активно да учествуваат во општеството. Самата конференција е поддржана од Град Скопје, во рамки на повикот за финансирање на програми и проекти за младите од интерес на Град Скопје за 2020 година.
Фондација за одржлив развој ИМПАКТ ФОНДАЦИЈА Скопје е фондација која работи на поддршка на приватниот сектор со мисија за континуирано промовирање на одржлив развој преку методологија на развој на пазарен систем на локално и регионално ниво на Балканот.
Women in Tech® е меѓународна непрофитна организација со двојна мисија: да го затворат родовиот јаз и да им помогнат на жените да прифатат технологија. Организацијата се фокусира на 4 основни области кои се повик за акција: Образование, претприемништво, настани и истражувања. Целта е да се образуваат и оспособат жените и девојчињата со потребните вештини за да успеат во кариерата во STEM полињата.