Многумина го сметаат овој потег како едно “post-Sorrell” освежување
Најголемата светска холдинг група во светот на адвертајзингот, ќе го напушти своето мало, шармантно седиште во лондонскиот Вест Енд.
Овој потег доаѓа повеќе од три децении откако WPP официјално го отвори своето седиште на адреса 27 Farm Street и четири месеци по ненадејното заминување на претседателот и извршен директор на компанијата, Мартин Сорел.
Овие вести се потврдени од WPP, но компанијата одби да влегува во деталите на одлуката. Кодиректорите Марк Рид и Ендру Скот, кои го водат WPP откако Сорел официјално поднесе оставка во април, најавија преселување во дописот испратен до помала група на раководители во Обединетото Кралство.
Според пишувањата на медиумите посветени на оваа индустрија, Рид и Скот сакаат да изберат помодерна локација за WPP, имајќи ги предвид како естетиката, така и оперативната ефикасност. Иако наводно тие сеуште не ја направиле конечната одлука за новата локација, познато е дека планираат да преселат мал тим на раководители кои работеле во седиштето на адреса 27 Farm Street во модерниот комплекс во лондонската South Bank, Sea Containers, кој од 2016 година е дом на Ogilvy Велика Британија.
Наводно, поранешниот извршен директор Мартин Сорел бил премногу приврзан за досегашната локација на седиштето на компанијата и покрај тоа што веројатно нема ефект врз одлуката за селење, многумина веруваат дека ова е уште еден пример за напорите WPP да ја остави “ерата на Сорел“ зад себе.