WPP и GroupM го соопштија назначувањето на Брајан Лесер за нов глобален генерален извршен директор на GroupM, една од ведечките компании за медиумски инвестиции во светот.
Тој го наследува Кристијан Јул, кој се повлекува по пет години во оваа улога. Кристијан ќе заземе нова позиција во WPP како претседател за корпоративен развој.
Брајан има поминато 10 години во WPP, вклучително и како извршен директор на GroupM за Северна Америка од 2015 до 2017 година. Тој повторно ќе се приклучи на WPP и ќе ја започне својата нова улога со GroupM од 1 септември 2024 година. Кристијан ќе продолжи да ја извршува функцијата дотогаш и ќе ја поддржува транзицијата додека се преместува на неговата нова позиција.
Брајан првпат се приклучи на WPP со аквизицијата на 24/7 Real Media во 2007 година. Тој потоа ја основаше Media Innovation Group, создавајќи адресибилни огласувачки производи и технологија за GroupM, вклучително и една од првите платформи за управување со податоци во индустријата. Во 2011 година тој ја основаше Xaxis, платформа за програматски медиумски закуп која сега е дел од организацијата за медиумски перформанси на GroupM позната како GroupM Nexus.
По раководењето со GroupM во Северна Америка, тој се приклучи на AT&T како извршен директор на AT&T Advertising & Analytics, бизнис вреден 3 милијарди долари денес познат како Xandr. Тој ја презеде својата сегашна улога како извршен директор и претседател на компанијата за податоци InfoSum во 2020 година.
Во текот на неговата кариера, Брајан бил во првите редови на технолошкиот напредок во медиумската индустрија, од појавата на програматското огласување до подемот на поврзаната телевизија. Тој е познат по тоа што го предизвикува статус квото за да обезбеди подобри искуства за потрошувачите и поефикасни решенија за бизнисите.
Кристијан Јул стана извршен директор на GroupM во ноември 2019 година, откако претходно ја имаше истата позиција во Essence, агенцијата за дигитални медиуми купена од WPP во 2015 година. Како претседател за корпоративен развој во WPP, тој ќе работи на различни аспекти од стратешкиот развој на компанијата.
Под водство на Кристијан, GroupM значително порасна, освојувајќи значајни деловни договори и играјќи клучна улога во победите на WPP, како што е партнерството со The Coca-Cola Company.
GroupM исто така се промени и еволуираше за да го одрази новиот свет. Ја поедностави својата структура, денес опслужувајќи ја својата листа на водечки светски клиенти првенствено преку три брендови на медиумски агенции (EssenceMediacom, Mindshare и Wavemaker); организација за медиумски перформанси GroupM Nexus; и компанија за податоци за производи, услуги и технологија Choreograph. Денес, GroupM е една од водечките компании во светот кога станува збор за медиумските инвестиции, управувајќи со повеќе од 60 милијарди долари годишно во медиумски инвестиции за своите клиенти.
По повод новите промени во раководството, извршниот директор на WPP, Марк Рид, изјави: „Сакам да му се заблагодарам на Кристијан за неговиот придонес во успехот на Essence, GroupM, WPP и нашите клиенти во последните девет години. Тој изгради силна основа за тековната трансформација на GroupM, со интеграција на понудата и забрзан раст за иднината. Со нетрпение очекувам да соработувам со него во неговата нова улога во WPP“.
„Брајан е еден од најценетите директори во индустријата со успешни резултати во маркетингот воден од податоци и технологија. GroupM, нејзините агенции и брилијантни луѓе во многу аспекти се моторот на WPP. Брајан не само што го познава GroupM од внатре и од надвор, туку има и силна визија за иднината на бизнисот. Ние сме среќни да му посакаме добредојде назад во WPP“ – додава Рид.