Британската мултинационална групација за маркетинг и комуникации WPP се здружи со компанијата за компјутерска графичка технологија Nvidia со цел создавање на реклами користејќи генеративна вештачка интелигенција.
Компаниите го објавија партнерството во понеделникот, при што извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг, го демонстрираше новиот заеднички генератор на содржини за време на конференцијата Computex Taipei.
Платформата ќе им овозможи на креативните тимови на WPP да интегрираат содржини од „библиотеки“, како што се Adobe и Getty Images, со примена на генеративна вештачка интелигенција во насока на создавање огласувачки кампањи на начин што е поефикасен и во поголем обем – објаснуваат од WPP. Со оваа технологија, компаниите ќе можат да создаваат големи количини на огласувачки содржини, како што се слики или видеа, кои што се имерсивни и лесно прилагодливи за различни комуникациски канали или целни групи на корисници.
Па така, за демонстрацијата прикажана од Хуанг, агенцијата создала реалистична снимка на автомобил кој вози низ пустина. Притоа, новиот генератор на вештачка интелигенција овозможува истиот тој автомобил да биде пренесен на улица во Лондон или сликан во Рио де Жанеиро – сето тоа без потреба од скапа продукција на физичката локација.
„Генеративната вештачка интелигенција го менува светот на маркетингот со неверојатна брзина. Оваа нова технологија ќе го трансформира начинот на кој брендовите создаваат содржина за комерцијална употреба“ – заклучува извршниот директор на WPP, Марк Рид, во соопштението за партнерството со Nvidia.