Британската холдинг-компанија за маркетинг услуги WPP соопшти дека ја купува агенцијата за инфлуенсер маркетинг Goat.
Основана во Лондон во 2015 година, Goat претставува една од водечките и најбрзорастечки агенции за инфлуенсер маркетинг во светот. Агенцијата има над 150 вработени во три меѓународни канцеларии, а соработува со некои од најголемите брендови во светот како Dell, Beiersdorf, Meta, Tesco, Uber, EA, Natura и Augustinus Bader. Минатогодишните приходи на агенцијата надминале над 100 милиони долари.
По аквизицијата од WPP, агенцијата Goat ќе биде инкорпорирана во рамки на мрежата на медиски агенции GroupM, при што ќе биде споена со INCA – досегашната агенција за инфлуенсер маркетинг во таа мрежа. Со тоа, ќе биде создадена навистина глобална агенција за инфлуенсер маркетинг со над 300 вработени во 30 земји низ светот.
Според глобалниот генерален извршен директор на GroupM, Кристијан Јул, аквизицијата на Goat ќе ѝ помогне на агенциската мрежа да понуди инфлуенсерска експертиза со глобален обем и водена од опипливи резултати.
Според Марк Рид, генерален извршен директор на WPP, побарувачката за инфлуенсер маркетинг со координација и обем карактеристични за глобалното медиско планирање е во постојан пораст, додавајќи дека инфлуенсер маркетингот претставува клучен приоритет за раст за целата индустрија, вклучително и за WPP.