(СВЕТ) – WPP, најголемата светска комуникациска групација, пријави раст на приходите за 2014 година од 4.6%, достигнувајќи го нивото од 17.4 милијарди долари, а профитот, пред да биде оданочен, пораснал 12%, достигнувајќи 2.2 милијарди долари, притоа добри резултати се оствариле во Северна Америка и Обединетото Кралство.
Растот на приходите на WPP, која ги вклучува и агенциите Ogilvy & Mather, Grey, Y&R, JWT, Mindshare, Mediacom и Wunderman, изнесуваше 9.9% во САД, 12.9% во Обединетото Кралство, 7.9% во Кина, 5.2% во Германија и -0.4% во Франција.
Во Аргентина, Индија и Јужна Кореја, приходите пораснале за над 20%.
Мартин Сорел, CEO на WPP, објави дека Google го добива најголемиот дел од медиа инвестициите на WPP, односно 2.9 милијарди долари во 2014. Трошоците со Фејсбук стигнале до 640 милиони долари (од 439 милиони долари минатата година), а односот на WPP со Twitter пораснал до 150 милиони долари во 2014, од 50 милиони долари во претходната година.
Fox и News Corp. добиле 2.5 милијарди долари од медиските инвестиции на WPP, додека пак останатите традиционални медиа брендови како CBS, ABC и Viacom добиле помеѓу 1 милијарда и 1.5 милијарди долари.
WPP објави нето-приходи од 9.33 милијарди долари од новите бизниси во 2014, вклучувајќи ги Allianz, Volvo и GSK на глобално ниво и Procter & Gamble во Латинска Америка.