Глобалната агенциска мрежа WPP се согласи да плати 19 милиони долари откако беше обвинета од американската Комисија за хартии од вредност и размена дека прекршила определени законски одредби за анти-корупција и сметководство.
Според Комисијата, холдинг компанијата „имплементирала агресивна стратегија за деловен развој“, поради што дел од нејзините локални агенции-членки во некои од глобалните пазари од „висок ризик“ не успеале да се придржуваат кон строгите анти-корупциски и сметководствени стандарди.
WPP наводно не презела доволно контрола врз своите подружници во различни држави, односно им овозможила на нивните директори да остваруваат широка автономија во своето деловно работење, што довело до одредени законски прекршувања.
Така, според Комисијата, една подружница на WPP во Индија направила поткуп на владини претставници со цел да добие договор за огласување. Други подружници во Кина, Бразил и Перу се карктеризирале со недостатоци во внатрешното сметководствено работење и контрола.
Од WPP ниту ги потврдија ниту ги отфрлија обвинувања на Комисијата, но се согласија да платат 19 милиони долари казна за надминување на несаканата ситуација.