Непрофитната еколошка организација World Wildlife Fund лансираше божиќна кампања насловена “Space to Live” („Простор за живот“) со која ја потсетува јавноста за важноста на заштитата на животната средина и природните живелишта на дивите животни.
Рекламата почнува навечер, со сцена во која едно девојче си заминува од час по музика. Чекорејќи низ улиците на градот, девојчето забележува растурени улични тезги и превртени автомобили. Со израз на чудење, продолжува по својот пат кон градскиот парк, каде на едно игралиште ја осознава причината за настанатите штети – исплашен слон кој се наоѓа потполно вон својот природен амбиент.
„Сите ние би биле изгубени без нашиот дом, па затоа ајде да го заштитиме нивниот,“ се истакнува во рекламата. Од WWF забележуваат дека од 1979 година наваму, африканските слонови исчезнале од 50% од територијата на нивните природни живеалишта.
Спотот е создаден со помош на креативната агенција Uncommon Creative Studio и продукциската куќа MPC Creative.