Социјалната мрежа X (претходно позната како Twitter) соопшти дека во претстојната година ќе се репозиционира како платформа што е примарно наменета за гледање на видео содржини.
Во објавеното соопштение, компанијата истакнува дека нејзините корисници гледаат видео во осум од десет сесии на платформата, што претставува пораст од 30% во вкупниот број прегледи помеѓу 2022 и 2023 година.
Ваквата одлука доаѓа заедно со воведувањето на функцијата „Immersive Video“, која функционира слично на вертикалниот видео формат што се користи на TikTok и YouTube Shorts. Платформата, исто така, веќе има овозможено прикачување видеа во долг формат.
Платформата не пропушти да истакне дека нивната алатка за проверка на факти и обезбедување контекст, позната како „Community Notes“, добила преку 50 милиони просечни дневни прегледи до декември минатата година. Притоа, алатката има над 320 илјади соработници во 65 земји низ светот.
Х ја искористи можоста да најави и функција за директно плаќање помеѓу корисниците во текот на оваа година („peer-to-peer payments“), овозможувајќи нови опции за монетизација за креаторите на содржини.
Компанијата исто така сподели планови за интегрирање на вештачката интелигенција со пребарувањето и огласувањето на платформата.
Притоа опцијата „Види слични објави“ (See Similar Posts) ќе добие и своја комплементарна функција „Види различни објави“ (See Dissimilar Posts), со цел корисниците да имаат можност истражуваат содржини кои се совпаѓаат со нивните интереси, но исто така и ги предизвикуваат нивните перспективи.
Целта е да се подобри генералниот квалитет и баланс на информации кои што корисниците ги добиваат и восприемаат на платформата.