Yahoo го претстави новото лого креирано од познатата компанија за дизајн Пентаграм и ги потсети корисниците дека сè уште постои и дава сè од себе за да се врати на старите патеки на славата
Американската компанија Yahoo го претстави новото, помодерно лого на компанијата, креирано од популарната агенција за дизајн Пентаграм, која во минатото правеше брендирање за Ситибанк, музејот Купер Хјуит, Лондонскиот дизајн фестивал и др.
По назначувањето на Мариса Мајер на лидерската позиција на Yahoo во 2013 година, ново редизајнираното лого ја означува првата голема промена во компанијата и најавува посовремен настап на пазарот во обид да се врати на старите патеки на славата. Покрај воведувањето на редизајнираното лого, Yahoo претстави и нов редизајниран изглед на Yahoo Mail, кој и ден денес, по сите скандали што следуваа во претходните години, има многу голема база на редовни корисници.
Иако експертите веруваат дека на новото лого на Yahoo му недостасува уникатноста на претходното лого воведено во 2013 година и дека е премногу слично на логоата за стартап компаниите, новото лого изгледа многу модерно и содржи елементи со кои компанијата Yahoo е препознаена во текот на сите изминати години. Од агенцијата Пентаграм порачуваат дека логото го задржа единствениот примарен и исконски елемент по кој е позната компанијата, а тоа е извичникот (!), кој сега се наоѓа под уште поагресивен агол од 22,5 степени, што во комбинација со буквата „y“ сугерира чувство на интензитет и возбуда.
Yahoo соопшти дека новиот изглед на логото, но и апликациите на Yahoo Mail се само предвесник на големите промени кои доаѓаат, бидејќи Yahoo планира да воведе голем број на нови производи и надградби кои ќе го подобрат искуството на корисниците.