Американската компанија за интернет услуги Yahoo, најпозната по своите сервиси за вести и електронска пошта, минатата недела соопшти дека се повлекува од кинескиот пазар.
Како причина за својата одлука, компанијата ја наведува „тешката деловна средина“ со зголемени предизвици во бизнисот и правното работење.
Имено, од први ноември, во Кина стапи на сила нов закон за заштита на личните информации кој предвидува дополнителни ограничувања за интернет компаниите.
Yahoo нема канцеларии во Кина од 2015 година, а првите рестрикции на нивните услуги започнале уште од 2013 година. Се чини дека новите законски одредби ја прелиле чашата за конечно и целосно повлекување од големиот кинески пазар.
Претходно во октомври, свое повлекување од Кина објави и платформата за професионално вмрежување LinkedIn на Microsoft.
Во Кина од поодамна веќе не функционираат Google, Facebook и повеќето други глобални интеренет сервиси. Корисниците од Кина единствено можат да пристапат до овие сајтови преку користење на виртуелната приватна мрежа (VPN).