Видеата со премногу комерцијална содржина, како и содржините кои поттикнуваат лошо однесување, а се наменети за деца, веќе нема да прикажуваат реклами или ќе прикажуваат во ограничен број.
Иако Google постојано нагласува дека нивните видео срвиси YouTube и особено YouTube Kids треба да бидат соодветна дестинација со содржини за деца и семејства, во пракса тоа не се покажало секогаш како точно. Компанијата пред две години беше казнета поради незаконско собирање податоци за деца помлади од 13 години и кршење на законот за заштита на децата на интернет. Исто така, алгоритмот на YouTube во неколку наврати им сугерираше на децата содржини кои не се соодветни за нив, што е проблем кој компанијата долго време не го реши.
Сепак, на почетокот на оваа година започна со некои промени кои треба да го подобрат искуството за користење на нивниот сервис за помладите корисници. Така, тие овозможија родителска контрола на YouTube и за тинејџери и имплементираа нови безбедносни мерки за заштита на децата на различни платформи, вклучително и промени на стандардните поставки за корисниците на возраст меѓу 13 и 17 години, кои се поставени да ја максимизираат заштитата на приватноста.
Сега најавија нови опции благодарение на кои на децата треба да им се обезбеди поквалитетна содржина на YouTube. Имено, со новите измени кои ќе стапат на сила на почетокот на следниот месец, YouTube повеќе нема да овозможи монетизација на содржини кои се наменети за деца, а кои се оценети како неквалитетни, т.е. несоодветни за деца. Според нивните правила, ова се однесува на премногу комерцијални видеа, како и видеа кои поттикнуваат недолично однесување.
Ваквите видеа во иднина повеќе нема да прикажуваат реклами, а со тоа и заработката на оние кои снимаат и објавуваат ваква содржина, ќе биде ограничена.
Коментирајќи ги овие промени, Google нагласи дека сака да го направи YouTube безбедно место со семејна содржина и истовремено да ги наградува креаторите кои создаваат квалитетна содржина за деца и семејства.