Во обид да ги минимизира дезинформациите на својата платформа, видео-платформата YouTube неодамна објави дека ќе ги прошири функциите за да им помогне на корисниците да ги разликуваат лиценцираните здравствени работници од „надрилекарите“.
„Можноста што ја имаат здравствените работници да ги информираат и едуцираат своите пациенти во голема мера застанува на вратата на клиниката. Реалноста е дека поголемиот дел од здравствените одлуки се носат надвор од лекарската ординација, во секојдневниот живот на пациентите“, забележуваат од YouTube.
Имајќи го тоа во предвид, YouTube Health сега ќе соработува со лекари, медицински сестри и експерти за ментално здравје за да им донесе „висококвалитетни здравствени информации“ до корисниците, дозволувајќи им на доверливите канали да бидат потврдени и истакнати како авторитативни извори.
Во моментов, каналите што ги исполнуваат условите за здравствени производи и информации на платформата се ограничени на образовни институции, одделенија за јавно здравје, болници или владини институции.
Во иднина, YouTube планира да ја прошири својата база на доверливи експерти за да вклучи поширока група даватели на услуги од областа на здравствена заштита. Се разбира, за платформата да се осигура дека „надрилекарите“ нема да се „протнат низ пукнатините“, сите апликанти мора да покажат доказ за лиценца, да ги следат најдобрите практики и да имаат реномиран канал на страницата.
Откако ќе бидат одобрени, овие канали ќе имаат информативен панел што ќе ги идентификува како проверени експерти. Досегот на нивните видеа ќе биде засилен при прикажувањето на релевантни резултати од пребарувањето кога корисниците бараат клучни зборови поврзани со здравјето и здравствената заштита.
Меѓутоа, каналите прифатени во програмата сепак ќе мора да подлежат на периодични проценки за да се обезбеди интегритетот на дадените информации. Тие би можеле да го изгубат пристапот до новите функции доколку се открие дека не ги почитуваат правилата.