Платформата за видео содржини YouTube во моментов тестира методи за решавање на проблемот со употребата на „ад-блокери“, односно трети програми кои корисниците ги применуваат за блокирање или заобиколување реклами на платформата.
Корисниците на социјалната мрежа Reddit први ги забележале овие тестови, споделувајќи слики од пораки што им се појавиле на оние што користат екстензии за блокирање реклами на десктоп и мобилен телефон.
Предупредувањата од YouTube им порачуваат дека содржината ќе биде недостапна откако ќе се репродуцираат три видеа, освен ако екстензијата не е оневозможена. Некои корисници исто така добиле известување дека употребата на блокатори на реклами ги прекршува Условите за користење на YouTube.
Засега, ова ажурирање сè уште не е широко распространето. Од YouTube во изјава за магазинот TechCrunch појаснуваат дека процесот се наоѓа во експериментална фаза, поттикнувајќи ги корисниците да го пробаат YouTube Premium или да дозволат реклами на нивните уреди.
Во екстремни случаи, постојаните блокатори на реклами може да се соочат со оневозможена репродукција на содржините кои сакаат да ги гледаат.